Незири присуствуваше на промоцијата на проектот „Енергетска математика“

Незири присуствуваше на промоцијата на проектот „Енергетска математика“

Министерот за економија Беким Незири, заедно со претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Петер Штефан и директорот на Агенцијата за енергетика Александар Дуковски ја промовираа новата едукативна кампања за енергетска ефикасност „Енергетска математика“, која има за цел да ја подигне свесноста за рационално користење на електричната енергија во домаќинствата, но и во компаниите.

Министерот Незири во неговото обраќање истакна дека во изминатиов период Министерството за економија има донесено низа регулативи доработени во насока на поголема примена на енергетската ефикасност од страна на граѓаните и компаниите, а како најважна ја спомна Стратегијата за унапредување на енергетската ефикасност во Република Македонија до 2020 година, првиот и вториот Акционен план за енергетска ефикасност, од кои последниов е во владина постапка на донесување, како и избор на модел за формирање на Фонд за енергетска ефикасност, со што ќе се создадат услови за обезбедување на финансиска поддршка за реализација на активностите содржани во Акциониот план.

„Енергетиката како област е еден од приоритетите на Министерството за економија како основа за сегашниот и идниот економскиот развој. Имајќи предвид дека Македонија има енергетски дефицит, од исклучително значење е да се работи на подобрување на енергетската ефикасност и нејзина поголема афирмација, што е една од основите идеи на оваа соработка. Со таква цел е и тековната Кампања за енергетска ефикасност, која ја води Министерството за економија, а во чии рамки се спроведуваат обуки на претставниците од јавниот сектор за исполнување на законските обврски, промоција на разните аспекти за подобрување на енергетската ефикасност за потребите на поширок круг на засегнати страни“, истакна Беким Незири, министер за економија.

Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Петер Штефан изјави дека  новиот серијал што ќе почне да се емитува во октомври има за цел да ја едуцира јавноста за значењето на енергетската ефикасност и потребата од промена на навиките на граѓаните во секојдневниот живот.

„За нас како комапнија која се занимава со дистрибуција и снабдување со електрична енергија  најважно e корисниците рационално да ја користат електричната енергија, бидејќи само така можеме да зборуваме за долгорочна и одржлива соработка во интерес на сите, како и за иднина во која сите подеднакво се грижиме за зачувување на ресурсите, бидејќи најскапа е онаа енергија која е потрошена залудно “, истакна Штефан Петер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија.

Директорот на Агенцијата за енергетика на Република Македонија, Александар Дуковски најави дека енергетската категоризација на домовите и издавањето на енергетски пасоши се важен аспект на енергетската ефикасност во домаќинствата, што е значајно имајќи во предвид дека по влезот на Македонија во Европската унија оваа обврска ќе стане задолжителна за секој дом.

„Енергетската ефикасност како област во следниот период ќе биде дел од нашите животи, а не прашање на избор. Во глобалната трка за ресурси, само најефикасните ќе ја достигнат целта. Токму затоа, колку побрзо се едуцираме за можностите и придобивките толку подобро за сите нас“, истакна Дуковски.

„Енергетската математика“ е дел од Платформата за енергетска ефикасност, проект што го реализира ЕВН Македонија во соработка со Министерството за економија и Агенцијата за енергетика. Граѓаните преку „Енергетската математика“ ќе добијат низа корисни совети со чија примена потоа ќе можат да ги рационализираат своите секојдневни трошоци по основ на електрична енергија. 

Скопје, 09.10.2015 

  • email Емаил на пријател
  • print принт верзија
Тагови
Нема тагови за овој текст
КОРИСНИ ЛИНКОВИ