Незири: За занаетчиите е изготвен закон по нивна мерка

Незири: За занаетчиите е изготвен закон по нивна мерка

Министерот за економија Беким Незири денеска ја посети Старата скопска чаршија и  одржа работна средба со Здружението на занаетчии „Еснаф“, за да ги претстави предлог измените на Законот за занаетчиство, креиран согласно потребите на занаетчиите, со цел поедноставување на процедурите и ставање ред во овој важен сегмент од нашата економија.

„Со овој закон, партнерски со занаетчиското здружение, ги уредивме условите за вршење на занаетчиска дејност, а еден од новитетите во предлог законот е што конечно воведуваме електронски занаетчиски регистар, кој меѓу другото ќе служи и како централна база на податоци. Врз основа на овој регистар ќе можат да се креират реални и квалитетни политики за развој и поддршка на занаетчиството“, истакна министерот Незири.

Министерот Незири појасни дека со цел решавање на проблемот со сивата економија, се воведува занаетчиска дозвола, која што на занатечиите ќе им овозможи да работат под еднакви услови на пазарот и ќе преставува гаранција за квалитет на производите и услугите кои ги нудат вршителите на занаетчиската дејност.

„Во новиот предлог закон е воведено и чираштвото, кое овозможува невработено лице да биде ангажирано од страна на  работодавач со цел да се стекне со вештини, компетенции и знаења за изучување на определен занает, што е од суштинско значење за понатамошен развој на занаетчиството, а досега не било воопшто регулирано“, рече Незири, додавајќи дека за да се постигне децентрализација на коморското работење, а со тоа и поефикасна комуникација меѓу занаетчиите и нивните здруженија, покрај постоечките регионални комори се воведуваат и општински занаетчиски комори, при што Занаетчиската комора на Република Македонија ќе може соодветно да ја извршува својата улогата како социјален партнер на Владата, што е и нејзината цел.

Претседателот на Здружението „Еснаф“, Муадеин Брава изрази задоволство од ангажираноста на министерот Незири при изготвувањето на овој предлог закон и вклученоста на комората со свои предлози во решението.  „На наша иницијатива, а во насока на професионализација на оваа дејност, во предлог законот се воведе обврска за полагање на испит за проверка на знаењето во занаетчиската комора, за  добивање на занаетчиска дозвола. Со ова се овозможува да се провери знаењето на занаетчиите кои вршеле самостојно занаетчиски дејности или биле вработени кај занаетчии на одредено време“, изјави Брава.

Министерот Незири, во рамки на посетата на Чаршијата оствари средба со дуќанџиите, чии 60-тина дуќани, во рамките на еден кварт од чаршијата, ќе бидат унифицирани како дел од проектот на Министерството за економија и Општина Чаир, а го посети и Здружението на пазарџии на Република Македонија, со цел да им ја претстави нацрт верзијата на Законот за зелени пазари, во чија подготовка се вклучени сите релевантни државни институции, но и Стопанската комора на Македонија, Групацијата на пазари и

Централниот Регистер на Република Македонија, со цел транспарентност и партнерски однос со инволвираните страни.

Министерот Незири појасни дека станува збор за комплексен закон, со кој конечно ќе се регулира правниот статус на физичките лица кои ќе продаваат на зелените пазари определени производи, што ќе овозможи тие да добијат правна рамка и да не се дел од сивата економија во државата. Според претставниците од Здружението на пазарџии, со ова законско решение, на задоволство на сите, се поставува ред во работењето и во овој сегмент од економијата, со што ќе се придонесе кон правно, регулирано и законско работење, во интерес и на трговците-пазарџии и на купувачите.

Скопје, 17.09.2015

  • email Емаил на пријател
  • print принт верзија
Тагови
Нема тагови за овој текст
КОРИСНИ ЛИНКОВИ