Земјите од западен Балкан поблиску до ЕУ, преку регионални инфраструктурни енергетски проекти

Земјите од западен Балкан поблиску до ЕУ, преку регионални инфраструктурни енергетски проекти

Министерот за економија Беким Незири учествуваше на Тркалезната маса на министерите за економија, на тема „Економски просперитет и инфраструктурно поврзување“, во рамки на дводневната конференција за западен Балкан, под покровителство на Сојузниот вицеканцелар и министер за наука, истражување и економија на Република Австрија, Рајнхолд Митерленер. На сесијата, која е продолжение на Берлинскиот процес кој минатата година го иницираше германската канцеларка Ангела Меркел, беше дискутирано за две главни теми: економски просперитет и поврзаност и стручно усовршување и подобрување на човечкиот капитал.

Министерот Незири ги претстави најактуелните енергетски проекти, кои ќе овозможат безбедно и квалитетно снабдување на потрошувачите со сите видови на енергија, како и активностите за интерконективно поврзување на Република Македонија со електроенергетските системи на соседните држави, со цел формирање на функционален регионален пазар на електрична енергија, кој ќе се интегрира во Европскиот пазар, што претставува една од приоритетните цели на нашата земја како потписничка на Договорот за основање на Енергетската заедница.

„Како пример за успешна регионална соработка би сакал да ја истакнам реализацијата на интерконективниот 400 kV далекувод кон Србија, Штип-Ниш, чија вкупна инвестиција изнесува 14 милиони евра, од кои 11 милиони евра се обезбедени од Светска Банка со државни гаранции. Меѓу приоритетните е проектот 400 кV интерконективен далекувод Македонија (Битола) – Албанија (Елбасан), а во фаза на анализа е  400 кV интерконективен далекувод Македонија (Скопје) – Косово (Косово Ц), на местото на постојниот нефункционален 220 kV далекувод од Скопје до Косово А. Од друга страна, Република Македонија е  отворена за соработка со земјите од регионот и пошироко, во однос на сите понудени решенија за изградба на гасоводни интерконекции и обезбедување на природен гас. Во таа насока, успешно се вклучивме со 2 наши проекти во иницијативата за Гасно поврзување на Централна и Југоистична Европа, која има за цел поголема диверзификација на снабдувањето со природен гас и сигурност во снабдувањето во регионот, по пат на унапредување на регионалната инфраструктура и подобрување на интеграцијата на пазарите, преку заедничко ангажирање на сите Земји членки на ЕУ и на Договорните страни на Енергетската заедница“, рече Незири.

На Тркалезната маса беше истакната досегашната успешна соработка помеѓу земјите од западен Балкан, со акцент на заедничките интереси во идни проекти кои покрај енергетската, ќе ја опфатат и транспортната инфраструктура. Високите претставници на земјите од западен Балкан изразија едногласна потреба од продлабочување на досегашната соработка и од побрза реализација на проектите од регионален интерес.

Државниот секретар на Министерството за економија на Германија Уве Бекенмаер ја истакна важноста од пристапувањето на земјите од западен Балкан во Европската Унија, а земајќи ја превид бројноста и комплексноста на претставените енергетски проекти, ја нагласи потребата од воведување на методологија за нивна приоритетизација. За таа цел, земјите од западен Балкан се договорија на следниот самит да настапат со издвојување на конкретни проекти, според приоритетите, нивна детална презентација и алокација на средства за нивно финанисрање.

Во делот на стручното усовршување и подобрување на човечкиот капитал, се истакна неопходноста од подобро стручно образование, а во насока на подобрување на конкурентноста на кадрите и на пазарот на трудот во целост.

На тркалезната маса учествуваа министрите надлежни за економски прашања од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Косово, а дел од Самитот беа и потпретседателот на Европската комисија Федерика Могерини, претседателот на Европската банка за обнова и развој Сума Чакрабарти, претседателот на Европската банка за инвестиции Вернер Хојер, потпретседателот на Светската банка Лора Тук. По завршувањето на Самитот и на Тркалезната маса, беше одржана и свечена церемонија со која се одбележа 10-годишнината од потпишувањето на Договорот за енергетска заедница.

Виена, 27.08.2015

  • email Емаил на пријател
  • print принт верзија
Тагови
Нема тагови за овој текст
КОРИСНИ ЛИНКОВИ