Незири: Туризмот бележи континуиран раст, но Македонија има капацитет за повеќе

Незири: Туризмот бележи континуиран раст, но Македонија има капацитет за повеќе

Денеска министерот за економија Беким Незири одржа средба со првите луѓе на здруженијата од туристичкото стопанство во Македонија и со директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, Кристијан Џамбазовски, со цел заеднички да се анализираат најновите статистички  податоци за туристичкиот раст, но и да се слушнат идеи за подобрување на бизнис климата во туристичкиот сектор и за проекти кои би придонеле за подобар резултат до крајот на годината и во следната летна сезона.

„Последните податоци говорат дека во првите 6 месеци од 2015 година бележиме зголемување на бројот на туристи за 6,5%, при што особено позитивно е што бројот на странски туристи е зголемен за 11,6%. Тоа секако говори за пораст на посетеноста на Македонија од туристи од странство во текот на целата година, независно од сезоната, што не е случај со домашните туристи, кај кои имаме намалување од 2,9%.

Сепак, податоците за месец јуни се далеку од очекувањата, што претставува последица од политичките турбуленции што ни се случија, т.е. нејзиното предимензионирање во земјите во регионот. Затоа ќе треба малку повеќе да се потрудиме за го достигнеме проектираниот раст од 10% во текот на оваа година. Вкупниот туристички раст во јуни е само 1,0%, а загрижува и податокот што бројот на странски туристи е намален за 2,5%. За среќа, зголемување имаме кај домашните туристи, и тоа за  10,3%, кога обично ги користиме предсезонските одмори. Добрата работа е што овојпат домашните туристи во поголем број се задржаа во нашите летувалишта, наместо да ги изберат странските дестинации“, рече министерот Незири, додавајќи дека и девизниот нето прилив во првиот квартал годинава бележи намалување за разлика од истиот период лани и изнесува 12,83 милиони долари, наспрема 20,33 милиони долари.

Директорот на АППТРМ, Џамбазовски, информираше дека преземените мерки за промоција, веднаш по новонастанатата ситуција, беа насочени токму во земјите од регионот, преку нашите дипломатски претставништва, и благодарение на нив продажбата на аранжманите, и на Македонија како дестинација, остана стабилна, односно падот беше амортизиран.

Претставниците на туристичките здруженија упатија предлог да се воспостави изработка на малку покомплексна анализа на придобивките од растот на странски туристи, бидејќи ефектите од туризмот да се гледаат и од аспект на реалната потрошувачка на туристите кои доаѓаат во земјава, односно не само уплатените аранжмани или средствата за сместување, туку финансискиот ефект за останатите дејности, кој е барем три пати поголем од она што го покажуваа бројките.

Учесниците на овој работен состанок упатија и конкретни предлози во делот на дополнување и менување на законската регулатива, од типот на потреба за категоризирање на автобусите за превоз на патници, како и воведување на построги страндарди за хотелите и останатите сместувачки капацитети, вклучувајќи ги и угостителските објекти, а согласно тоа и построги услови за лиценцирањето на туристичките агенции, независно од сезоната.

На средбата беше договорено сите туристички и угостителски здруженија да номинираат свои претставници за учество во една поширока работна група, со цел овие предлози да се канализираат во конкретни предлози за измени на законската регулатива, со што стопанствениците би имале подобра клима за работа и здрава конкурентска деловна средина, а туристичкиот раст би забележувал повисоки резултати и како бројка, но и како финансиски ефект врз економијата.

 „Посебно сум задоволен што сите сме свесни дека Македонија има поголем капацитет за развој на туризмот, наспрема тоа што го покажуваат резултатите и што имаме и воља и желба да стигнеме до нашата индикативна цел - до 2020 година туризмот да достигне 5 проценти во македонскиот БДП, кој во 2013 и 2014 година изнесуваше 2,3 проценти. Тоа е предвизвик за кој имаме потенцијал да го оствариме“, истакна Незири по средбата со туристичките работници.

Скопје, 20 август 2015

  • email Емаил на пријател
  • print принт верзија
Тагови
Нема тагови за овој текст
КОРИСНИ ЛИНКОВИ