Незири: Енергетска криза нема, работиме кон надминување на евентуалните проблеми

Незири: Енергетска криза нема, работиме кон надминување на евентуалните проблеми

Денеска министерот за економија Беким Незири одржа средба со лиценцираните трговци на нафта, нафтени деривати и природен гас во Македонија и претседателот на Македонската енергетска асоцијација Кочо Анѓушев, со цел претставување на моменталната состојба за снабдување и испораката на енергенси до  институциите, деловните субјекти и граѓаните, по направената анализа на енергетскиот пазар.

„Една од главните цели на Министерството за економија е сигурност во снабдувањето со енергенси до крајните потрошувачи, како на регионално, така и на национално ниво. Поради новонастаната ситуација со еден од енергетските субјекти на пазарот – Макпетрол АД, кој вчера попладне со официјален допис нѐ информираше за можните проблеми како последица на блокираните сметки, иницирав работен состанок со сите инволвирани страни, со цел да ги согледаме моменталните состојби во снабдувањето и испораката на енергенси и да изнајдеме можни решенија за спречување на евентуалните последици со кои би можеле да се соочат деловните субјекти, институциите и граѓаните како крајни потрошувачи“, објасни Незири на средбата. 

Во делот на снабдувањето со нафта и нафтени деривати, компаниите уверуваат дека проблем нема да се појави. Според податоците, ОКТА е најголемиот увозник со 43% од структурата на увозот. На Лукоил отпаѓаат 13%, а 44% вкупно на останатите помали увозници, кои увезуваат за сопствени потреби. Во делот на потрошувачка на нафтени деривати, Макпетрол се јавува со 37%, а останатите со 63%. Притоа, дури 32 субјекти се носители на лиценци за трговија со нафтени деривати.  Од аспект на трговија на мало со горива, од вкупно 245 бензински пумпи, на се Макпетрол 124 (според Централен регистар), а на останатите трговци на мало 121. Во повеќето општини има бензински пумпи и од други трговци, освен Макпетрол, но тоа не е случајот со 11 општини, меѓу кои  Пехчево, Свети Николе, Конче, Кратово, Маврово и Ростуше, Македонска Каменица, Градско, Демир Хисар, Делчево, Дојран и Дебар. Секако, пумпите во соседните општини можат да ја превземат оваа функција, а субјектите се подготвени да одговорат на барањата на граѓаните, односно да ги зголемат количините на горива во овие заменски пумпи и со тоа состојбата во овој сектор да биде стабилна. Воедно, дел од трговците ја споменаа и можноста за инсталирање на мобилни пумпи во овие места, со цел да се спречат евентуалните проблеми на граѓаните.

Што се однесува до мазутот, вкупната потрошувачка на мазут е 118.295 тони, од кои најголемите потрошувачи се ЕЛЕМ (35%) и ФЕНИ (51%), а останатите со 14%.  Според законот, производителите на електрична енергија треба да имаат во секое време оперативни резерви за 15-дневни потреби за работа со максимален капацитет. „Со ЕЛЕМ сме во континуирана комуникација и според информациите од нив, овие количества на резерви се дури и поголеми од пропишаните, па единствено ќе биде потребно ЕЛЕМ во меѓувреме да објави оглас за избор на нов снабдувач“, истакна Незири.

Мали потешкотии можат да се појават кај државните институции, од кои договор за набавка на нафтени деривати со Макпетрол имаат 19 институции, а со други компании освен Макпетрол, договор имаат склучено 31 институции. Институциите кои имаат договор со Макпетрол за набавка на нафтени деривати, ако дојде до прекин во снабдувањето, на нивно барање, можат да ги обезбедат неопходните  количините од Дирекцијата за задолжителни нафтени резерви, по претходна согласност од Владата.

На состанокот беше потенцирано дека пазарот со нафта и нафтени деривати е либерализиран, односно овозможено е учество на повеќе учесници на пазарот и се создадени услови за поголема конкуренција на истиот. Така, досега од страна на Регулаторната комисија за енергетика издадени се 49 лиценци од областа на нафтата и нафтени деривати, од кои 34 од нив се однесуваат на дејноста Трговија на големо со нафта и нафтени деривати.

Како покритична беше оценета  состојбата со снабдувањето со гас, особено од аспект на работењето на деловните субјекти, од кои дел и најголемите странски инвеститори. Имено, во Република Македонија Регулаторната комисија за енергетика има издадено 15 лиценци за трговија со природен гас и 5 лиценци за снабдување со природен гас, од кои активни трговци се само три субјекти во моментов (Макпетрол АД, АД ТЕТО ГАС ТРЕЈД ДООЕЛ и КОГЕЛ СТИЛ ДОО), додека активен снабдувач е единствено Макпетрол-Пром гас.

Притоа, во вкупната потрошувачка на природен гас АД Макпетрол Скопје како трговец снабдува 37%, додека останатото количество од 63% се обезбедува од страна на трговци од  странство. Дури 25 фирми снабдувани од страна на АД Макпетрол Скопје имаат можност природниот гас да го супституираат со друг енергенс, но 14 немаат таква можност, а 4 фирми воопшто не работат. Во овој сегмент неопходно ќе биде да се изготви акционен план за надминување на евентуалните проблеми за деловните субјекти.

„Во Македонија нема енергетска криза, но ќе имаме реални проблеми доколку продолжи блокадата на сметката на АД Макпетрол. Не сакам да ги коментирам процедурите што ги спроведуваат судовите, но како министер за економија секогаш ќе застанам во заштита на компаниите и на малцинските акционери, а во ниеден случај нема да го поддржам незаконското работење. Мојот став е дека треба да се биде многу внимателен кога се носи одлука која предизвикува последици за економијата, индустријата и граѓаните. Во овој момент најважно е што од компаниите добив уверување дека граѓаните нема да имаат проблеми во снабдувањето со нафтените деривати, а ќе се направат напори и индустријата да нема проблеми со снабдувањето со гас. Тројца од увозниците на гас денеска ме уверија дека ќе направат напори да го покријат снабдувањето со гас што го врши Макпетрол, но единствен проблем е што тој гас треба да се дистрибуира преку ГАМА, чиј мнозински  акционер е Макпетрол “, рече Незири. 

Претседателот на Македонската енергетска асоцијација Кочо Анѓушев нагласи дека либерализацијата на пазарот придонела вакви кризни ситуации да не преминат во енергетска криза и само да останат на нивото на енергетски проблеми. Додаде дека енергетските проблеми можат да предизвикаат и одредени финансиски проблеми бидејќи, како што кажа, треба да бидат изнајдени други финансиски текови  и средствата да бидат пренасочени кон компании кои ќе ги супституираат енергенсите што ги продава Макпетрол. Воедно, тој додаде дека може да се предизвика и дизбаланс на енергија особено во грејната сезона и компаниите кои употребуваат гас да прејдат на потрошувачка на електрична енергија.

Скопје, 18 август 2015 

  • email Емаил на пријател
  • print принт верзија
Тагови
Нема тагови за овој текст
КОРИСНИ ЛИНКОВИ