Незири: Со поддршката на ЕБОР, македонскиот и албанскиот пазар на електрична енергија ќе имаат огромен бенефит

Незири: Со поддршката на ЕБОР, македонскиот и албанскиот пазар на електрична енергија ќе имаат огромен бенефит

Денеска министерот за економија Беким Незири се обрати на церемонијата по повод  потпишувањето на Договорот за заем со Европска Банка за Обнова и Развој (ЕБОР) за изградба на 400 kV интерконективен далекувод Битола-Елбасан. На настанот виедно се обратија и Шефот на Делегацијата на Европска Унија Аиво Орав, директорот на ЕБОР за Западен Балкан Холгер Муент и генералниот директор на МЕПСО Синиша Спасов. 

„Со изградбата на овој далекувод, придобивки ќе има како за македонскиот, така и за албанскиот пазар на електрична енергија, имајќи во предвид дека базната електрична енергија во Македонија, доаѓа од термоелектраните, а во Албанија од хидроелектраните“, истакна министерот Незири, додавајќи дека значително ќе се подобрат напонските прилики во југозападниот дел на Р. Македонија, ќе се избегне преоптоварувањето на одредени далекуводи, но и ќе се зголемат токовите на електрична енергија, што придонесува кон развој на регионалниот пазар на електрична енергија. 

Министерот се заблагодари за плодната соработка со ЕБОР и постојаната поддршка за развој на македонскиот енергетски сектор и реализација на енергетски инфраструктурни проекти.

Амбасадорот Орав истакна дека енергијата е стратешки сектор во секоја земја, витална за сите аспекти на секојдневното живеење на луѓето и развој на сите други сектори на економијата, при што Европската Унија обезбедува значајна поддршка преку програмата на ИПА и преку Инвестициската програма за Западен Балкан, што подразбира обезбедување на финансирање и техничка помош на стратешките инвестиции.

„Ова претставува важна инвестиција која ја промовира енергетската безбедност и развојот на регионалните пазари на електрична енергија. Изградбата на новиот далновод ќе го поврзе македонскиот пазар на електрична енергија со албанскиот пазар, со што значително ќе се подобри балансирањето на двата система на електрична енергија, ќе ги намали оперативните трошоци и ќе го поттикне користењето на обновливи енергии“, изјави Холгер Муент.

„Ни претставува задоволство што ја продолжуваме нашата успешна соработка со ЕБОР. Со овој нов регионален проект МЕПСО ги поврзува земјите на Западен Балкан и го подобрува снабдувањето со електрична енергија во регионот“, нагласи Синиша Спасов.

ЕБОР ја подржува регионалната интеграција на пазарите на енергија на Западен Балкан. Банката обезбедува кредит до 37 милиони евра за изградба на првата интерконекција на електрична енергија помеѓу Македонија и Албанија и воведува подобрување на ефикасноста на мрежата на инфраструктурата на МЕПСО. Проектот е дел од иницијативата на Европската Комисија, за воспоставување на пренослив коридор на електрична енергија исток-запад, помеѓу Бугарија, Македонија, Албанија, Црна Гора и Италија, вклучувајќи го и планираниот подморски кабел од Црна Гора кон Италија.

Скопје,10.12.2015 

  • email Емаил на пријател
  • print принт верзија
Тагови
Нема тагови за овој текст
КОРИСНИ ЛИНКОВИ