Министерот Незири оствари средба со најголемите текстилни компании во земјава

Министерот Незири оствари средба со најголемите текстилни компании во земјава

На иницијатива на министерот за економија Беким Незири денеска беше реализирана средба со фирми-членки на кластерот за текстил, т.е. претставници на седум најдоминантни извозно-ориентирани текстилни компании. Поводот за средбата е регистрираниот пад во трговската размена на текстил и облека, кој изнесува 22,2% за првите седум месеци годинава, во споредба со истиот период минатата година, односно ако во дадениот период во 2014 година извозот на текстил и облека достигнал вредност од 465 милиони долари, годинава за истиот период тој изнесува 362 милиона. Станува збор за намалување на обемот на размена за првпат по подолго време, при што министерот Незири побара директно од компаниите, чие учество во извозот на текстил и облека е над 50 отсто, да слушне на што се должи ова и кои се предвизвиците со кои се соочуваат текстилците во своето работење.

„Текстилната индустрија има големо значење во македонската економија, бидејќи апсорбира над 35% од вработените, бројот на вработувања, особено во секторот производство на текстил бележи пораст, станува збор за извозно-ориентирана индустрија и е флексибилен сектор во однос на барањата на странските партнери. Алармантен е податокот за драстичен пад на извозот на облека во 7 земји, и тоа Велика Британија, Холандија, Бугарија, Германија, Чешка, Италија и Грција, кои спаѓаат во првите 20 земји со кои Република Македонија има најголем обем на трговска размена“, истакна Незири на средбата, отварајќи неколкучасовна дискусија со текстилците за нивните најгорливи прашања.

Еден од проблемите со кои се соочува текстилната индустрија е миграцијата на кадри од текстилниот сектор од домашните компании кај странските инвеститори од текстилниот сектор, кои се позиционирани во зоните, а на ова се надоврзува и проблемот со недоволен број на образован кадар во средното образование и на техонолошките факултети, кој би одговорил на потребите на текстилната индустрија. Во сегментот на трговијата, претставниците на текстилните компании ја истакнаа потребата од надминување на бариерите во царинските процедури и проблемот на управување со отпад. Во насока, пак, на обезбедување на поволни кредити на подолг рок за набавка на опрема и технологија, текстилците побараа поддршка од Владата со цел поттикнување на комерцијалните банки за создавање на поповолни услови за вакво наменско кредитирање.

Министерот Незири забележа дека овие предлози се од суштинско значење за текстилниот сектор во Македонија, поради што лично ќе се заложи за нивно резработување на оперативно ниво и доставување на конкретни предлози до Владата како можни решенија за предизвиците со кои се соочува текстилната индустрија.

Скопје, 07.10.2015  

  • email Емаил на пријател
  • print принт верзија
Тагови
Нема тагови за овој текст
КОРИСНИ ЛИНКОВИ