Незири: Два проекта од Македонија во регионална иницијатива за гасно поврзување

Незири: Два проекта од Македонија во регионална иницијатива за гасно поврзување

„Иницијативата за гасно поврзување на Централна и Југоисточна Европа (CESEC)  има за цел унапредување на диверзификацијата на снабдувањето со природен гас и обезбедување на сигурноста во снабдувањето на регионот, по пат на унапредување на регионалната инфраструктура и подобрување на интеграцијата на пазарите, преку заедничко ангажирање на сите земји членки на ЕУ и на Договорните страни на Енергетската заедница. Со неа практично ќе се обезбеди снабдување со потребните количини на природен гас на сите потрошувачи во регионот на Централна и Југоисточна Европа (CESEC), вклучувајќи ја и Република Македонија“, истакна министерот Беким Незири на денешната прес конференција одржана по повод потпишувањето на Меморандумoт за разбирање за Заеднички пристап за решавање на диверзификација на природниот гас и предизвиците на безбедноста на снабдување.

Тој објасни дека Република Македонија во моментот користи природен гас преку единстевната интерконeкција со Република Бугарија во близина на Крива Паланка и со оваа иницијатива, во која се вклучи Република Македонија со свои проекти, се овозможува регионално поврзување со соседите и користење на природен гас од различни извори (Азербејџан, Црно море / Романија и LNG – терминали во Грција).

Имено, денешното потпишување на Меморандумот за разбирање CESEC е резултат на активностите на земјите членки на ЕУ од февруари 2015 година кога во Софија е усвоен Меморандумот, во кој се поставени конкретни резултати и акциски план за да се интензивира соработката во инфраструктурниот развој и интеграцијата на пазарите. Министерството за економија активно учествуваше во овие активности и Република Македонија се вклучи во оваа Иницијатива и успеа да вгради два од своите предложени проекти за гасно енергетско поврзување на Република Македонија со земјите од Централна и Југоисточна Европа, кои поради својата специфична географска близина се опфатени во CESEC проектите како еден заеднички проект со регионален концепт и тоа Република Македонија интерконектор Република Бугарија/Грција.

„Со усвојувањето и постапното имплементирање на Меморандумот за разбирање и Акциониот план ќе се отпочне процес на пазарно интегрирање на регионот во Централна и Југоисточна Европа, чии резултати ќе бидат од бенефит за земјите членки на ЕУ и на Договорните страни на Енергетската заедница, како и на регионот во целина. Врз основа на овој Меморандум ќе следат координирани активности од страна на Европската Комисија и на меѓународните финансиски институции во обезбедување на можности за техничка поддршка и наменски решенија за финансирање на земјите-членки, како и на Договорните страни на Енергетската Заедница, вклучувајќи ја и Република Македонија, со цел што е можно поскоро спроведување на определените инфраструктурни проекти со овој меморандум“, рече министерот Незири.

Предметниот меморандум е документ со кој се изразува политичка намера на страните, при што Владата на Република Македонија ги следи иницијативите на глобално и регионално ниво со цел да обезбеди диверзификација на изворите за снабдување со природен гас, да се постигне поголем степен на енергетска сигурност, можност за нови инвестиции и снабдување на сите потрошувачи со природен гас во Република Македонија. 

Скопје, 10.07.2015

  • email Емаил на пријател
  • print принт верзија
Тагови
Нема тагови за овој текст
КОРИСНИ ЛИНКОВИ