Предложени измени во Законот за возила со цел зголемување на безбедноста на возилата, заштитата на животната средина и ефикасноста на техничките служби

Предложени измени во Законот за возила со цел зголемување на безбедноста на возилата, заштитата на животната средина и ефикасноста на техничките служби

Министерот за економија Беким Незири денеска одржа прес конференција на која  ги претстави измените и дополнувањата на Законот за возила, усвоени на владината седница од 03.06.2015 година, а во кои се вградени одредби кои значително ќе го подобрат функционирањето на станиците за технички преглед, техничките служби и органот за одобрување. Истовремено, со измените се  овозможува поефикасен надзор врз спроведувањето на Законот за возила и подзаконските акти кои произлегуваат од страна на Министерството за економија и Министерството за внатрешни работи.

Министерот Незири истакна дека во овој Предлог закон, изработен во соработка со сите технички служби и инволвираните страни, се земени предвид сите недостатоци воочени во претходниот период, во насока на зголемување на ефикасноста во работењето на службите, скратување на роковите, намалување на трошоците за сопствениците на трактори, зголемување на безбедноста на возилата и на заштита на животната средина.

„Со законот се пропишани одредби кои покрај другото предвидуваат скратување на рокот за издавање на одобрение за единечно возило од 15 на 7 работни дена, со што ќе се зголеми ефикасноста во работењето на органот за одобрување, а истовремено се воведуваат заштитени обрасци на кои ќе се печати Потврдата за сообразност и Согласноста за регистрација, со што ќе се спречи можноста за нивна злоупотреба“, рече министерот Незири.

Министерот за економија објасни дека со измените се овозможуваат и значителни финансиски олеснувања за земјоделците и сточарите, бидејќи наместо досегашната нивна обврска за регистрирација и технички преглед на тракторите секоја година, сега тие имаат обврска регистрацијата да ја извршат на секои шест години, а прегледот за техничка исправност на тракторот на секои две години.

„Со измените на законот, во насока на заштита на животната средина, воведовме облигаторно мерење и контрола на издувните гасови на возилата од страна на станиците за технички преглед, при постапката за проверка на техничката исправност на возилата, пред да се изврши регистрација на возилата.  Досега, пак, контролата се вршеше инцидентно, само во случај на сомнеж, а измерените податоци не се внесуваа во Регистарот на возила. Сега записите од измерените вредности на мерењето на издувните гасови, се воведуваат како задолжителни документи при регистрација на возилото“, објасни Незири.

Министерот за економија информираше и за одредбите кои ќе придонесат за зголемување на безбедноста на возилата во кои е вграден уред за погон на течен нафтен гас, при што надлежноста за давање на овластување на правните лица кои вршат вградување на ваков уред сега ќе ја има Министерството за економија, наместо Министерството за внатрешни работи. Со оваа измена, од страна на Техничката инспекција ќе се врши евидентирање и контрола на правните лица кои вградуваат вакви уреди, ќе се процени нивната стручност и материјално технички услови, што досега не било случај. 

„Покрај ова, многу често во пракса бевме сведоци на колони од по 100-150 возила за технички преглед во техничките служби, во еден ден, што претставува навистина нереална бројка за да се добие реална слика за техничката исправност на возилата. Затоа, со законот утврдивме техничкиот преглед на возилата да трае најмалку 10 минути за патничките автомобили и 20 минути за автобуси и товарни возила, притоа пропишувајќи висока глоба за правното и одговорното лице доколку истото не врши технички преглед согласно временската рамка. Сметам дека ова ќе овозможи техничкиот преглед да биде извршен во целост и не дава можност возила кои се технички неисправни да бидат регистрирани“, потенцираше министерот за економија.

Скопје, 05.06.2015

  • email Емаил на пријател
  • print принт верзија
Тагови
Нема тагови за овој текст
КОРИСНИ ЛИНКОВИ