Избрани најдобрите претприемачи за 2014 година

Избрани најдобрите претприемачи за 2014 година

Компанијата АЦДЦ-ДЦАЦ доо Скопје, специјализирана за производство на повеќестепени пренапонски повеќезаштитни уреди, е прогласена за најиновативна компанија  од технолошки аспект, награда која ја доделува Министерството за економија на денешната манифестација „Претприемач на годината 2014“. На сопствениците на АЦДЦ-ДЦАЦ, која е единствен производител на повеќестепени пренапонски заштитни уреди во ЈИЕ и единствен европски производител на осумстепена пренапонска заштита, министерот за економија Беким Незири им додели награда – ваучер од 120.000 денари.

Во делот на награди за осмото по ред издание на „Претприемач на годината за 2014 година“, во категоријата на мали претпријатија првата награда му припадна на Васко Дамевски, менаџер на компанијата „Ксенос“ од Демир Хисар, а втората на Сејди Шахсивари од „Урбан план констракшн“ од Тетово. Првонаграден во категоријата  микро претпријатија  е Андреј Петковски, менаџер на компанијара Ѓорго-комерц од Куманово, а второ награден Звонко Трпковски, менаџер на „Атлантик“ од Скопје. Првонаградените претприемачи добија златни статуетки  и ваучер за маркетинг активности во износ од 50.000 денари, а второнаградените сребрени статуетки и ваучер од 25.000 денари. 

Министерот Незири на доделувањето на наградите истакна дека на претпримачите не им е потребно само охрабрување и поттикнување, туку и награда и признание. „Отпочнувањето на бизнис, неговото опстојување и, секако, неговото проширување, отворање на нови работни места и инвестирање, посебно во отежнати услови на стопанисување, навистина е вредно за почит и признание. Затоа и напоменувам дека сите кои во денешни услови водат бизнис заслужуваат честитки“, истакна Незири.

Министерството за економија, посочи, ќе продолжи да ја имплементира годишната програма за конкурентност, иновации и претприемништво, која нуди мерки за индустриска политика и кластери. „Фокусот и идната година ќе биде ставен на поттикнување на развојот на фирми преку имплементација на стандардите за квалитет, поддршка на женското претприемништво, промоцијата на занаетчиството, зголемување на нивната продуктивност на фирмите,  развој на пазарот, поттикнување на иновациите“, наведе Незири. 

Претседателката на Сојузот на стопански комори, кој годинава прославува јубилеј 10 години од своето постоење, Данела Арсовска рече: „Наша цел е да ги идентификуваме истрајните претприемачи кои се успешни, генерираат добивка, инвестираат и придонесуваат за намалување на невработеноста. Токму тие критериуми на вложување во човечките ресурси, иновации, генерирање нови продукти и почитување на стандарди, меѓу другите, ги одделуваат најуспешните претприемачи, кои менаџираат компании за кои очекуваме да прераснат во средни или големи претпријатија“.

Тетјана Лазаревска, извршен директор на Македонска развојна фондација на претпријатијата, се повика на резултатите од истражувањето за претприемништвото во кое учествуваше и Република Македонија, според кои перцепцијата за претприемништвото е позитивна. „Секој трет испитаник смета дека во Македонија постојат добри можности за водење бизнис, секој втор дека поседува знаења и вештини да започне бизнис, а дури 70 отсто сметаа дека претприемништвото е добар професионален избор.“

Во име на Стопанската комора на Северозападна Македонија, се обрати извршниот директор Арбен Халили. „Да отвориш бизнис воопшто не е тешко, но да опстанеш на пазарот, тоа е предизвик“, рече Халили, објаснувајќи дека е дојдено време за економски патриотизам, што подрзабира отварање на што поголем број работни места, а со тоа и зголемување на вработеноста.

Претселекцијата за избор на „Претприемач на годината 2014“ е направена врз основа на податоци од Централниот регистар на РМ. Се анализираше растот на компаниите по основ на бројот на вработени, вкупни приходи, добивка и инвестиции. Крајниот избор вкучи претприемачи кои изразија интерес за доставување податоци преку прашалник, посета на терен, анализа и бодирање, согласно однапред утврдени критериуми, посветеност на сопствена и обука на неговите вработени, маркетинг и стратегија на раст, инвестиции во истражување, развој и иновации... 

Организатори на манифестацијата „Претприемач на годината 2014“ се Сојузот на стопански комори на Македонија, Македонската развојна фондација за  претпријатија и Стопанската комора на северозападна Македонија, покровител Министерството за економија. коорганизатор е Национален центар за развој на иновациите и претприемачкото учење, а спонзор и оваа година е Штедилницата Можности.    

Скопје, 16.12.2014

  • email Емаил на пријател
  • print принт верзија
Тагови
Нема тагови за овој текст
КОРИСНИ ЛИНКОВИ